Од 25 до 29 јуни годинава, Струмица ќе биде домаќин на Европското првенство во спортска ориентација за млади. Досега за првенството се пријавени 40 репрезентации со 600 натпреварувачи, со што се потврдува дека ова првенство ќе биде најголем спортски настан во Македонија. Претставници на општина Струмица и организациониот одбор на првенството, одржаа состанок на кој се анализираа досегашните и се дефинираа идните подготовки за првенството.
– Струмица важи за еден од најспортските градови во Република Македонија, тоа сме го докажале во повеќе прилики. Но, во оваа прилика сакам да кажам дека сме многу горди што оваа година во Струмица ќе се организира европско првенство во спортска ориентација на кое ќе учествуваат 40 екипи со 600 натпреварувачи и можам да кажам дека досега во Македонија се нема случено спортски настан од ваков размер. Ние, струмичани, сме подготвени да ги пречекаме нашите пријатели од цела Европа, а јас како претседател на Советот и градоначалникот на општина Струмица отсекогаш сме давале поддршка на вакви големи манифестации и се надевам дека како и секогаш ќе се покажеме добри домаќини, рече Марјан Даскаловски, претседател на Советот на општина Струмица.
Од организациониот одбор изјавија дека им е чест што се организатори на ова европско првенство, но и чест што позади нив стои градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев, општинските и државните институции кои се помагатели на целиот настан.
– Овој настан е од огромен калибар и од огромно значење за нас како организатори и покрај европското првенство, ние одлучивме да го вклучивме и Струмица опен настанот за кој очекуваме уште 600 гости. Во моментов организациониот одбор работи напорно и се надевам дека навремено ќе ги завршиме сите обврски и на сите гости кои ќе ни дојдат во овие пет дена, ќе им овозможиме еден прекрасен спортски настан, рече Тони Костов, член на организациониот одбор.
По препорака на интернационалната федерација во спортска ориентација за зближување на младите од различни земји, организаторите одлучија да го спроведат и проектот „Биди другар…Земи другар“ со кој учениците од основните и средните училишта ќе имаат можност за време на првенството да сместат кај себе учесници од европските земји.