Теренската патувачка работилница – јакнење на капацитетите на заинтересираните страни од руралните средини и ЛЕАДЕР пристапот, денеска го посети центарот за развој на југоисточниот плански регион. На средбата што се одржа во домот на АРМ во Струмица, присуствуваше и градоначалникот Зоран Заев. Според него, ваквите работилници се прекрасна можност за споделување на одлични искуства за заедничката политика во земјоделството и руралниот развој.
-Република Македонија е една од земјите во Западниот Балкан која што е аспирант за полноправно членство на ЕУ, а со тоа и користењето на зедничката земјоделска политика и ИПА компонентите кои што значат силен импулс за развој на земјоделството во Република Македонија, а посебно во нашиот, кој важи за еден од поразвиените земјоделски региони. Во него, посебно место има раноградинарското производство кое како извозна компонента е многу значајно за вкупниот извоз на Република Македонија и вкупниот девизен прилив кој е двигател на економијата. Се надевам дека денешните искуства кои овде се споделуваат, ќе значат, пред се, знаење за сите нас, кое во иднина ќе биде искористено токму за развојот на целиот овој регион, рече градоначалникот Заев.
Според Бобан Илиќ, генерален секретар на постојаната работна група, од работилниците во Македонија, ќе биде подготвен извештај и испратен до институциите на ЕУ.
-Ќе биде подготвен сеопфатен извештај кој ќе ги претстави реалните состојби во земјоделството, во руралните средини во Македонија, но и во останатите земји од Западниот Балкан бидејќи слични вакви работилници се одржуваат во Црна Гора и Србија. Овој извештај ќе биде претставен на 8 април на состанокот на министрите од Југоисточна Европа и се надевам дека со ова ќе го доближиме Западниот Балкан, вклучително и нашата земја, до институциите во Брисел, рече Илиќ.
Во јакнењето на капацитетите на руралните средини е вклучена и мрежата за рурален развој.
-Мрежата за рурален развој работи повеќе месеци во овој регион, со повеќе општини на промовирање на еден мултисекторски пристап за развој на руралните средини, а тоа е ЛЕАДЕР пристапот, во директна соработка со центарот за развој на Југоисточниот плански регион. Досега, имаме голем интерес по оваа методологија која што, не само што очекуваме да стане мерка од новата ИПАРД програма, туку и еден метод за децентрализација на руралните средини, рече Петар Ѓоргиевски, претседател на мрежата за рурален развој на Република Македонија.
Иницијативата ЛЕАДЕР претставува иновативен пристап во рамките на политиката за рурален развој на ЕУ преку кој се стимулира полноправност и заедништво на сите чинители во процесите на градење на политики, донесување на одлуки и спроведување на активности поврзани со руралниот развој. ЛЕАДЕР е алатка за поттикнување на субјектите кои живеат во руралните средини да истражат нови начини за заедничка работа за подобрување на нивните основни животни услови. На тој начин ЛЕАДЕР придонесува за подобрување на квалитетот на животот во руралните средини, како за земјоделските семејства, така и за поширокото рурално население.