Општина Струмица ја одбележа 111 годишнината од загинувањето на апостолот на македонското револуционерно движење, Гоце Делчев. Пред споменикот на истоимениот плоштад, во знак на почит кон неговиот живот и дело, цвеќе положи градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев. Цвеќе положија и претставници на Советот на општината, сојузот на борците, на јавни институции, граѓански здруженија и политички партии. За животот и делото на Гоце Делчев, зборуваше претседателот на Советот на општина Струмица, Марјан Даскаловски.
-Македонија и Гоце Делчев се две нераскинливи нишки кои совршено се надополнуваат. Единствено не може да се зборува за Македонија без да се спомене името на Гоце Делчев, како што неможе да се зборува за Гоце Делчев без да се изговори името на нашата татковина – Македонија. За овој наш јунак над јунаците, за човекот чиј краток, но содржаен животен времеплов од Кукуш до Баница беше во знакот на љубовта кон татковината, може да се зборува со денови, и пак ќе биде малку за да се каже се. Но треба да се каже дека големиот македонски син судбински е поврзан за бројот 4, заради 4 февруари – денот на неговото раѓање, заради четирите букви во неговото име Гоце кое започнува со четвртата буква од азбуката и конечно заради четирите букви од кратенката Внатрешна македонска револуционерна организација. И покрај тоа што од зловесниот 4-ти мај 1903 година изминаа 111 години, длабоко сум убеден дека во срцето на секој од нас провева длабока тага и безмерната жал за прераната смрт на еден од најголемите великани на македонското револуционерно дело за ослободување од многувековното турско ропство Гоце Делчев. Таа ненадоместлива празнина ја чувствуваме не како 111 годишна далечина, туку какко вчерашна и денешна неизлечива болка, и уште повеќе како судбинска загуба на брилијантниот предводник на Македонија и македонскиот народ низ премрежијата и остварувањето на вековниот сон за создавање на своја сопствена, самостојна и суверена татковина, рече Даскаловски.
Во рамките на чествувањето, членовите на рецитаторската секција при домот за деца и млади „Благој Јанков Мучето“ рецитираа револуционерна поезија.