Фондацијата „Проф. д-р Љупчо Ајдински“ и Сојузот на дефектолози на Република Македонија, го прогласи дефектологот – олигофренолог Спасе Додевски од Струмица за најдобар дефектолог-практичар во Република Македонија, за исклучителен допринос и остварувања во унапредувањето на образовниот процес и развојот на лицата со аутизам во Македонија.
Спасе Додевски доби плакета, сертификат и парична награда, лично од рацете на основоположникот на дефектолошкиот систем во Македонија, проф. д-р Љупчо Ајдински, за време на Првиот Симпозиумот за Первазивни развојни нарушувања „Научните достигнувања во функција на практиката“, кој се одржа од 15 до 17 мај во Струга.
Проф. д-р Љупчо Ајдински, на Симпозиумот изјави дека, дефектологот Спасе Додевски, несомнено претставува иницијаторот и движечката сила на процесот на унапредување на образованието и развојот на децата со аутизам во Република Македонија. Воедно, нагласи дека, научните сознанија и актуелности во однос на третманот на лицата со аутизам во Република Македонија, според својот допринос, се должат на луѓето како Спасе Додевски, поради фактот што дефектологот се наоѓа во постојана потрага по олеснување на општата состојба и функционалност на лицата со аутизам.
Спасе Додевски работи како дефектолог во паралелките за образование на ученици со посебни образовни потреби во општинското основно училиште „Сандо Масев“ во Струмица кои функционираат од 2012 година со финансиска поддршка на општина Струмица.