На првиот државен натпревар за спасување и извлекување жртви во тешки сообраќајни несреќи, кој вчера се одржа во Скопје, пожарникарите од Струмица го освоија првото место.Тоа е најубавиот подарок што Територијалната професионална противпожарна единица на Струмица го доби за Денот на пожарникарите на Република Македонија.
-Станува збор за натпревар кој за прв пат се одржува во историјата на Македонија со меѓународни судии во справување со сообраќајни незгоди и кој имаше ревијален и натпреварувачки карактер. Струмичката единица во чиј состав имаше и пожарникари од Радовиш, го освои првото место, со што докажа дека е најдобра во државата, рече Мијалче Крстев, командир на ТППЕ на Струмица.
Денот на пожарникарите и освоената награда, на струмичките пожарникари им ги честиташе Марјан Даскаловски, претседател на Советот на општина Струмица.
-Од мое лично име, од името на градоначалникот Зоран Заев и Советот на општина Струмица, им го честитам Денот на пожарникарите на Република Македонија, а посебно на противпожарната екипа на општина Струмица и успехот што го постигнаа на републичкиот натпревар на осумтте плански региони. Ние, навистина имаме подготвена противпожарна единица која одлично се справува во сите кризи и лично и посакувам во оваа 2014 година да има што помалку работа, рече Даскаловски.
Во рамките на одбележувањето на Денот на пожарникарите, ученици од основните училишта ја посетија Територијалната професионална противпожарна единица пред кои беа презентирани опремата и работните активности на пожарникарите.