Со заеднички активности преку Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието, учениците, наставниците и родителите од ООУ „Маршал Тито“-Муртино и ООУ „Даме Груев“-Куклиш остварија средба со учениците и наставниците од партнер училиштето „Наим Фрашери“-Тетово. Партнерството со училиштето датира од 2013 година, преку остварени координативни состаноци и акциони планови за планирање на конкретни заеднички активности, како што се драматизации, ликовни работилници, спортски активности, ора и танци, априлијада, посета на музеи, џамии и културни установи.
Проектот за меѓуетничка интеграција во образованието го сочинуваат четири комплементарни компоненти:
- Компонента 1: Информирање на јавноста и заедниците
- Компонента 2: Градење на капацитетите на училишното раководство и наставниците
- Компонента 3: Модел училишта
- Компонента 4: Обезбедување стимул за училиштата и за локалните заедници
Постигнувањето и одржувањето на меѓуетничка интеграција во образованието е еден комплексен и долгорочен процес. Препознавајќи го ова, Проектот ги вклучува главните заинтересирани учесници во сите активности, така што во текот на Проектот тие ја преземат одговорноста за постигнување на проектните цели и постануваат двигатели на одржлива промена. Најважно е подобрувањето на меѓуетничката комуникација и надминување на етничките, културолошките и јазичните препреки.
Поддржувајќи го процесот на проектот, Општина Струмица како една од првите општини во овој проект донесе свој акционен план за реализација на заеднички и конкретни активности со училиштата на територијата на општината, со поширок опфат во локалната заедница и вклучување на одговорните за образование во целосната имплементација на меѓуетничката интеграција во образованието.