Општина Струмица и годинава ќе го поддржи невладиниот сектор, согласно законот за здруженија и фондации. Преку Јавен повик, кој го објави вчера, почна прибирањето проекти од областа на локалниот економски развој, културата, образованието, здравствената заштита, заштитата и унапредувањето на животната средина, млади и младинските политики и од областа на социјалната заштита.
На Јавниот повик можат да учествуваат здруженија и фондации со седиште во општина Струмица, како матична општина каде и ќе се реализираат проектите. Предлог – проектите треба да кореспондираат со стратешките – развојни документи на општина Струмица и да го подигнат квалитетот на живеењето на граѓаните во локалната заедница во соодветните области.
Во буџетот на општина Струмица за 2014 година, во програмата G1 поддршка на локален економски развој – трансфер до невладините организации, планирани се финансиски средства во висина од 2.350.000 денари и дополнителни 600.000 денари во програмата V2 социјална заштита. Финансиската поддршка ќе биде распределена согласно утврдени критериуми во рамките на законот за здруженија и фондации.
Јавниот повик е објавен на 3 јуни и трае седум дена, а повеќе информации може да се најдат на веб страницата на општина Струмица www.strumica.gov.mk
Здруженијата и фондациите кои ќе бидат избрани и ќе добијат финансиска поддршка, своите проекти ќе треба да ги реализираат до крајот на оваа година.