Поради зголемена сообраќајна фреквенција во летните месеци, а за поголема безбедност на сите учесници во сообраќајот, сообраќајниот инспектор од одделението за инспекциски работи при општина Струмица почна со спроведување на зачестени контроли на подрачјето на општината.
Во согласност со законот за превоз во патниот сообраќај, до крајот на овој месец планирани се контроли на правните лица во поглед на исполнувањето на условите за добивање лиценца за општински линиски, слободен линиски, посебен линиски и авто такси превоз на патници. Исто така, ќе се спроведуваат контроли на одвивање на општински линиски превоз на патници и на одвивање на авто такси превоз на патници, како и контроли на одвивањето на слободен и посебен линиски превоз на патници што се одвива на територијата на општина Струмица.
Според информациите од одделението за инспекциски работи, ќе се вршат и контролни инспекциски надзори на правни и физички лица, за тоа дали постапиле по издаденото решение од страна на овластениот инспектор и вонреден инспекциски надзор по поднесени пријави и иницијативи од граѓани и други правни и физички лица. По годишниот план и програма, се предвидени најмалку 16 контроли, кои ќе се извршуваат самостојно и во соработка со претставници од полицијата.