Во периодот од 15 до 29 јуни, општина Струмица ќе ја спроведе акцијата „Чиста и уредна средина“ за расчистување на јавните површини, дворните места и површините пред станбените згради. Акцијата ќе се спроведе во соработка со „Систем 48“, Јавното претпријатие за комунални дејности „Комуналец“, одделението за заштита на животната средина и граѓаните на општина Струмица. За успешно спроведување на акцијата, градот ќе биде поделен на три реони.
Во првиот реон акцијата ќе се спроведе на 15 јуни и ќе ги опфати граѓаните каде што отпадот се подига во среда и сабота, а почнува од улицата „Ѓуро Салај“ кај спортската сала, населбите Карпош и Чифлик и завршува со улицата „Кирил и Методиј“. Расчистувањето на јавните површини ќе се одвива на следните локации: тротоарите на улиците „Ѓуро Салај“ и „11 октомври“, игралиштето на улицата „22 декември“ и поројот „Васил Главинов“. Собирното место ќе се наоѓа пред градинката на улицата „Ѓуро Салај“ од 8,00 до 16,00 часот. Се повикуваат сите граѓани, масовно и активно да се вклучат во акцијата со расчистување на отпадот од нивните дворни места и подрумски простории и истиот да го остават пред своите домови и да пријават на „Систем 48“ на бесплатниот телефонскиот број 0800 1 48 48 за да биде подигнат. Во акцијата ќе се собира домаќински и кабаст отпад, а не и градежен шут.