В недела, 22.06.2014 година, ќе се реализира вториот дел од акцијата „Чиста и уредна средина“ што ја спроведува општина Струмица, а во соработка со Јавното претпријатие за комунални дејности „Комуналец“, општинскиот сервис „Систем 48“, Младинскиот совет и урбаните заедници.
Акцијата ќе продолжи во вториот реон, каде што отпадот се собира во понеделник и четврток и ќе бидат опфатени сите улици во границите од улиците „Димитар Влахов“ и „Маршал Тито“ до улицата „Ристоман Попчевски“, односно, во третата и осмата урбана заедница. Во овој реон ќе се чистат четири јавни површини: поројот Крушевска Република, површините околу Стариот суд, Старата болница и околу Јаворот на улицата „5 ноември“. Собирното место ќе биде на кружниот тек пред подружницата на ЕВН во периодот од 8,00 до 16,00 часот.Се повикуваат сите граѓани, масовно и активно да се вклучат во акцијата со расчистување на отпадот од нивните дворни места и подрумски простории и истиот да го остават пред своите домови и да пријават на „Систем 48“ на бесплатниот телефонскиот број 0800 1 48 48 за да биде подигнат. Во акцијата ќе се собира домаќински и кабаст отпад, а не и градежен шут.