Под мотото „Безбедно на мотор“, во организација на Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата на општина Струмица,беше одбележана неделата на безбедноста на мотоциклистите, која оваа година се одржува во периодот од 16 до 22 јуни.
Во рамките на активностите предвидени со програмата за одбележување, во просториите на домот на АРМ вчера во попладневните часови, се одржа трибина, која ја отвори претседателот на ОС на БСП-Струмица, Зоран Узунов.
На трибината освен претставници од клубовите на мотоциклисти присуствуваа и членовите од Општинскиот совет за БСП-Струмица, членови на Советот на општина Струмица и претставници од други институции и установи. Целта на оваа активност, е да се подигне свеста кај сите учесници во сообраќајот, особено на мотоциклистите за нивното безбедно учество во сообраќајот.
Планираното мото дефиле не можеше да се одржи поради лошите временски услови, па во договор со клубовите на мотоциклисти и со организаторите беше утврдено дека тој настан ќе се одржи во текот на наредниот период, кога временските услови тоа ќе го дозволат.