Општина Струмица денеска ја одбележа 58 – годишнината од раѓањето на трагично загинатиот претседател, Борис Трајковски. Претставници на локалната самоуправа, на семејството Трајковски, на јавните институции и политичките партии, положија цвеќе пред споменикот „Македонија“ во големиот градски парк, а за животот и делото на претседателот Борис Трајковски зборуваше Јосиф Христов, претседател на Советот на општина Струмица.
Ретки се луѓето во светската историја кои доаѓале до врвот на својата државничка кариера, а притоа знаеле да останат свои, да бидат препознатливи и да останат со истите специфики, вредности и мани какви што ги имале и порано. Без сомнение станува збор за ретка и чиста доблест, имуна на сите можни влијанија и опасности да биде контаминирана со негативните особености на новото време. И тогаш кога се ракуваше со големите светски политичари, и тогаш кога го трошеше секој атом од својата енергија за интензивирање на евро-атланските аспирации на Република Македонија, и тогаш кога неговиот мирољубив дух спречи понатамошна ескалација на конфликтот во 2001 година, и тогаш кога се среќаваше со обичните луѓе – работници и селани, секогаш, апсолутно секогаш, Борис остануваше Борис. И токму затоа, неговиот лик и дело се етаблираа во меморијата на македонските граѓани, но фатија корени и во добрите спомени на претставниците на меѓународната политичка сцена. За таквите луѓе, каков што беше Борис Трајковски, велат дека и по смртта живеат вечно, рече меѓу другото во својот говор, Христов.
Во чест на Трајковски, беа прочитани и првонаградените творби на распишаниот литературен конкурс на тема „И по десет години, спомените за претседателот Борис Трајковски се уште живеат“ во организација на библиотеката Благој Јанков Мучето.