Искуствата од општина Струмица за гасифицирањето на Република Македонија се драгоцени и ќе бидат применети во гасифицирањето на некои региони во државата, рече на денешната прес конференција, директорот на Јавното претпријатие за енергетски дејности „Струмица гас“, Зоран Китанов.
Тој пред медиумите ги презентираше впечатоците од учеството на конференциите за енергетика што се одржаа во рамките на европската недела за одржлива енергија, а на кои имаше посебен интерес за гасификацијата на Струмица и бенефитите од оваа инвестиција.Китанов посочи дека Македонија треба поголемо внимание да и посвети на изградбата на внатрешната мрежа, затоа што таа е многу важен дел од гасификацијата на државата.-Изградбата на секундарната мрежа во градовите трае со години. Во некои градови може да дојде многу брзо првата фаза од гасификацијата, но што ако дојде цевката, а ако тие немаат внатрешна мрежа. Додека да се направат тие проекти, физибилити студии и да се изгради мрежата ќе поминат години. Еве, ние, како општина за овие три години изградивме 20 километри мрежа, во следните 3 до 4 години, кога најрано би можела да дојде националната цевка, доколку имаме финансиски средства, бидејќи сами се финансираме без никакви средства од страна, би можеле да изградиме меѓу 40 и 50 километри, што е огромен бенефит за оваа општина. Нека дојде националниот гасовод пред Струмица, приклучокот е најмала работа. Затоа проблемот на Македонија е внатрешната мрежа. Посебна чест на последната конференција, ми направи тоа што во физибилити студијата што е правена преку министерството за транспорт и врски, некои делови од Македонија, односно во вториот и третиот регион, ќе се користи принципот на компресирање на гас по примерот на Струмица. Значи, Струмица беше посочена како пример како треба да функционира сето тоа, на што јас сум посебно горд. И затоа од нас беше побарано да ги презентираме нашите искуства и не пофалија дека ќе влеземе во историјата на Македонија, како општина што за прв пат е системски гасифицирана и што првото домаќинство во Македонија е приклучено во Струмица, рече Китанов.