Општина Струмица е домаќин на најмасовното спортско натпреварување во Република Македонија, 14-то по ред Европско првенство во спортска ориентација во младинска конкуренција.
Официјалната програма почна вчера, а европскиот шампионат свечено, вечерва на градскиот плоштад, ќе го отвори градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев, кој е и покровител на првенството.-Струмица беше домаќин на многу меѓународни натпревари, турнири и европски првенства во различни спортови и секогаш доби позитивни повратни информации за гостопримството. Овој пат, предизвикот е уште поголем. Им посакувам пријатен престој на сите учесници кои ќе учествуваат на Европското првенство во Струмица и на трката нека победи најдобриот тим. Посакувам овој настан да биде причина и за големо пријателство меѓу учесниците и да се создадат моменти кои ќе останат засекогаш врежани во нивните спомени. Тоа ќе биде чест за мене и општина Струмица, да се спонзорира и да се биде домаќин на настан како овој, им порача градоначалникот Заев на учесниците на првенството.На овој шампионат учествуваат околу 400 натпреварувачи во машка и женска конкуренција во категориите до 16 и 18 години од 33 европски држави што е рекорд по бројот на национални тимови на едно вакво натпреварување во младинска конкуреција.Паралелно, овие денови на градскиот плоштад во Струмица, но и на локалитетот „Суви Лаки“ ќе се одржат и трките од „Струмица опен 2014“ на кој ќе учествуваат околу 400 натпреварувачи од 20 европски држави, а една трка ќе се бодува и во рамките на Светската лига во спортска ориентација.