Поради интензивирање на градежните активности на граѓаните, секоја година, во периодот од март до ноември, зачестува појавата на оставање градежен шут и градежни материјали на јавни површини. Не помала е појавата и на оставање на гранки, растенија и цврст отпад од домаќинствата на јавни површини или нивно фрлање во контејнерите кои се исклучиво наменети за комунален отпад.
Според зборовите на овластениот комунален инспектор на Општина Струмица Ѓорѓе Табанов оставањето на градежен шут и друг вид отпад на јавни површини или на несоодветни места, е спротивно на законските прописи. За оние граѓани кои ги прекршуваат тие прописи е предвидена казна од 200 евра, во денарска противвредност.Раководителот на Единица ,,Чистота‘‘ при ЈПКД ,,Комуналец‘‘ – Бранко Георгиев, истакнува дека граѓаните кои сакаат да се ослободат од градежниот шут или друг вид цврст отпад, се должни тоа да го пријават во ,,Комуналец‘‘ или во ,,Систем 48‘‘ користејќи ја бесплатната линија 0800-148-48.По пријавувањето, надлежните луѓе од ,,Чистота‘‘ го договараат со граѓаните денот на подигање на отпадот. Таквата услуга се наплаќа согласно тарифникот на ЈПКД ,,Комуналец‘‘.Од Општина Струмица апелираат до граѓаните да ги почитуваат законските прописи, за да не се соочат со казнените одредби од Законот за јавна чистота.