Ученици од основните и средните училишта од Струмица на Летен камп за промоција на детски права и интеркултурна комуникација

Во рамките на проектот „Промовирање на детски права и интеркултурна комуникација“, кој со поддршка на Детската Фондација Песталоци го спроведува Коалицијата на младински организации СЕГА, во периодот од 23-26 јули во село Банско се одржа летен камп, на кој учествуваа и ученици од основните и средните училишта од општина Струмица.

Преку различни активности учениците работеа на принципите на меѓукултурниот дијалог и комуникација, промовирање на интеркултурната комуникација, различните вредности, толеранцијата помеѓу младите со различни култури и промовирање на детските права.Учениците од Струмица, како претставници од Македонски Центар за Граѓанско Образование – Скопје, партнер организација со општина Струмица во проектот „Јакнење на мултиетничката соработка во општините“, беа дел од педесетте ученици на возраст од четиринаесет до шеснаесет години, кои дојдоа како претставници од Совет за превенција од малолетничка деликвенција СППМД -Кавадарци,  ,,Мајка‘‘-Куманово, Коалицијата ,,СЕГА‘‘-Прилеп и ,,Центар за едукација и развој‘‘-Теарце.Во делот на слободното време учесниците од кампот ги посетија Смоларските водопади и присуствуваа на  натпреварот од светското првенство во ракомет за жени до 18 години, кој на 25 јули се одигра помеѓу Македонија и Данска.Кампот заврши со подготовка на акциони планови кои децата и младите ќе ги спроведуваат како локални кампањи за промовирање на интеркултурната комуникација и детските права во своите градови и училишта во наредниот период.