Основните и средните училишта во општина Струмица се комплетно подготвени за почетокот на новата 2014/2015 година, ова денеска го потврди претседателот на Советот на општина Струмица, Јосиф Христов, на прес конференцијата што се одржа во општинското основно училиште „Св. Кирил и Методиј“ во населеното место Дабиле.
Интегрален текст од прес конференцијата:
За два дена почнува новата учебна година. Сакаме да ја информираме јавноста, посебно родителите, иако тоа и досега континуирано го правевме за време на летниот распуст, дека сите основни и средни училишта во општина Струмица се комплетно подготвени за изведување на воспитно – образовниот процес. Сите 13 основни и 3 средни училишта, летниот распуст го искористија за материјално – техничко и организациско подготвување, согласно сопствените планови, но и реализирајќи ги препораките од надлежните институции.Покрај вообичаените редовни активности, како што се, варосување, бојадисување, и обновување на инвентарот, чистење на оџаците, во одредени училишта се изведени и покрупни зафати кои ќе обезбедат подобри услови за изведување на наставниот процес.Еве, неколку од нив:Во средното општинско училиште „Јане Сандански“ подготвена е посебна просторија во која дефектологот ќе може да работи со ученици со посебни потреби, а извршено е и уредување на просториите на административно – техничката служба. Во училиштето „Димитар Влахов“ се набавени нови 70 столчиња и 30 клупи, извршени се дезинфекција, дезинсекција и дератизација како во училишните простории, така и во ученичкиот дом. Во „Никола Карев“ со сопствени средства во тек е замената на поголем дел од прозорците, а извршена е санација на оштетените делови од кровната конструкција, делумна поправка на спортската сала и санација на сите тоалети во училиштето.За време на летниот распуст се работеше и во сите основни училишта. Во ова, во кое сега се наоѓаме, „Св. Кирил и Методиј“ во Дабиле, извршена е санација на фасадата, поплочени се влезовите, а комплетно е среден и внатрешниот дел на училиштето.Во општинското основно училиште „Маршал Тито“ во Струмица е саниран дел од кровот и се додадени нови олуци, а во истоименото училиште во Муртино е реновиран канцеларискиот простор. Во основното училиште „Гоце Делчев“ во Вељуса е заменет оштетениот паркет и сменети се дел од вратите, а во „Сандо Масев“ извршена е поправка на инсталацијата и компјутерите. Во училиштето „Герас Цунев“ во Просениково извршено е проширување на просторот, промена на електричната инсталација, санација на спортската сала и заменети се дел од старите врати.Сакам да нагласам дека заклучно со денешниот ден во сите училишните објекти се извршени дезинфекција, дезинсекција и дератизација, според препораките на државните стручни служби.По сите овие реализирани активности, основните и средните училишта во општина Струмица, в понеделник комплетно подготвени ќе ги пречекаат учениците.Оваа нова учебна 2014/2015 година ќе ја почнат вкупно 8.109 ученици, од кои 4.479 во основното и 3.630 во средното образование.Ја користам оваа прилика на сите ученици и целиот наставен кадар да им ја честитам новата учебна година и да им посакам многу успех во освојувањето на новите знаења.