Градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев, денеска им го честиташе приемот на учениците од првите одделенија во Детската организација, на свечената приредба која што по тој повод се одржа во центарот за култура „Антон Панов“. При тоа, тој им порача на децата, да бидат горди, затоа што станаа членови на најголемото светско семејство во кое рамноправно членуваат дечињата од сите светски меридијани, без разлика дали се бели, црни или жолти, без разлика на кој јазик зборуваат или со какво писмо пишуваат.Овој ден е ден за паметење, ден кој ќе остане засекогаш врежан во Вашата меморија.
Она што треба да го знаете е дека постои еден значаен документ со кој се утврдуваат основните стандарди и услови во поглед на заштитата на детето. Станува збор за Конвенцијата за правата на детето, усвоена на 20. Ноември 1989 година од страна на Организацијата на обединетите нации. Според оваа Конвенција, сите деца на светот имаат еднакви права кои ние возрасните мора да ги почитуваме. Поради ова, должни сме да создадеме добри услови за Вие да живеете во демократско, праведно и хумано општество, општество во кое децата мора да имаат еднакви можности за живот и развој. Вашите родители и наставници и сите ние кои ја носиме одговорноста за иднината на заедницата, општеството и светот воопшто, имаме за задача да ве насочуваме кон меќусебно почитување, помагање и градење пријателски односи меѓу Вас. Мора да имате на ум дека истите овие нешта важат и за Вашиот однос кон возрасните. Треба да знаете дека од Вашето воспитување и образование, зависи какви луѓе ќе бидете кога ќе пораснете. А наша задача е да ви го овозможиме тоа што Вие го заслужувате. Вложувањето во Вас е вложување во иднината. Вие сте таа наша иднина, наша гордост, наша радост и наше богатство. Иако живееме во еден ист свет, мора да си признаеме дека светот на возрасните е по малку сив и едноличен, а светот на децата е убав, весел и разнобоен. Токму затоа овој свет треба да биде свет по Ваша мерка. Нека мотото на Детската недела „Детски права за наше детство“ биде мото-водилка која ќе ве води во вашиот детски живот. Посакувајќи ви безгрижно детство и успех во учењето, ви го честитам приемот во Детската организација, рече градоначалникот Заев.По повод Детската недела, градоначалникот Заев, традиционално и годинава, во неговиот кабинет организираше прием за првачињата од сите девет основни општински училишта во општината. Во опуштена атмосфера, со сок и чоколада, градоначалникот и првачињата се дружеа, разговараа, ги кажуваа научените броеви и песнички. Градоначалникот уште еднаш им посака успех во учењето, но и ги потсети дека се уште се само деца и да не ги заборават дружењето и игрите.