Денеска во просториите на Домот на АРМ се одржа работилница на тема „Внесување на родовиот концепт во политиките на општината“ во која учествуваа претставници на општинската администрација, членови на Советот на Општина Струмица и претставници на граѓанскиот сектор. Струмица е една од 23-те општини во Република Македонија вклучени во реализацијата на проектот
„Ние сме идни лидери/ки и двигателки на промените во нашите заедници“.Проектот се спроведува во период од три години, од 2013 до 2015 година, а го спроведуваат одделот за родови студии на Институтот за општествени и хуманистички истражувања при Универзитетот „Евро-Балкан“ и Македонското женско лоби, како водечки организации, во стратешко партнерство со Парламентарната комисија за еднакви можности и во соработка со невладините организации ДЕСИДЕ – Асоцијација за демократија, социјална инклузија и развој и Сирма. Овој проект се спроведува со техничка и финансиска поддршка на UN Women, телото за родова еднаквост и зајакнување на жените на Обединетите Нации.Целта на проектот е да ги мотивира жените лидерки и да ги развива нивните капацитети во процесот на кандидирање, избор и извршување на градоначалнички и советнички функции во единиците на локалната самоуправа. На овој начин, проектот ќе придонесе за зголемено учество на жените во процесите на донесување одлуки на локално ниво и за поефективно спроведување на родовиот концепт во сите аспекти на локално ниво.Општина Струмица преку Координаторот за еднакви можности на жените и мажите и членовите на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите при Советот на општината, се вклучија во проективни активности и изработија едногодишен акциски план за спроведување на активноста чија што крајна цел ќе биде внесување на родова перспектива во општинските акти и стратешки документи.Одржувањето на денешната работилница е согласно акцискиот план за месец октомври 2014 година.