Општина Струмица и градоначалникот Зоран Заев, денеска, уште еднаш ја потврдија својата хуманост, донирајќи средства во хуманитарната акција „Недела против гладот 2014 Македонија“. Струмица е прва општина во Република Македонија која ја даде својата поддршка на Банката за храна Македонија, чија цел е помагање на социјално загрозените семејства. Токму во организација на Банката за храна и Организацијата на жени од Струмица, како партнер организација, денеска беа врачени 110 пакети со храна и прехранбени производи на социјално загрозени и сиромашни смејства од општина Струмица.
Градоначалникот Заев поддржувајќи ја оваа акција трета година по ред, апелираше за поголема хуманост за сиромашните семејства.Времето во кое што живееме се повеќе ја става на пиедестал потребата да бидеме хумани, да помагаме на граѓаните, особено на оние на кои што навистина им треба помош. Иако, важиме за регион кој што е најголем производител на храна, сепак, сиромаштијата и гладта се присутни и во нашата Струмица и затоа борбата за секојдневна, колку што може побогата трпеза, од страна на секој родител за своите деца, треба да биде помогната од општеството. Целта на денешното собирање со донирање на сите овие пакети на семејства на кои што им е потребна храна е пред се испраќањето на пораката за хуманост до сите граѓани кои што можат да помогнат и да донираат храна. Апелираме до граѓаните секогаш кога можат, 365 дена во годината, да помагаат. Навистина има многу семејства кои што се гладни, кои што имаат недостаток на храна и на кои им треба помош. Сите заедно можеме да изградиме социјално одржливо општество, да бидеме хумани луѓе и пред се со исполнета душа ако меѓусебно си помагаме, апелот е да помагаме секогаш кога можеме, на секого и на било кое место, рече градоначалникот Заев.Градоначалникот Заев денеска беше прогласен за Амбасадор за борба против гладот, а Советот на општина Струмица доби благодарница за покажаната несебичност, хуманост и поддршка за 2014 година. Вакви благодарници добија и останатите поддржувачи на Банката за храна на Македонија.