Делегација на пријателската општина Осијек од Република Хрватска, денеска престојуваше во општина Струмица. На средбата во кабинетот на градоначалникот, Зоран Заев, присуствуваа Денис Амбруш, заменик градоначалник на Осијек, Иван Перковиќ, советник во амбасадата на Република Хрватска во Македонија и Вита Хузјан, конзул во конзуларното претставништво на Хрватска во Струмица и претставници на општина Струмица.
На средбата се разговараше за досегашната соработка помеѓу двете општини, но и се разгледуваа сите можности за унапредување на понатамошната соработка од која најмногу корист ќе имаат граѓаните.Една од темите на разговорите беше, најважното, економската соработка помеѓу двете општини. Осијек е општина од земја членка на ЕУ, важен дел е искуството кое што го имаат во правецот на ЕУ, кое што е значајно и драгоцено и за Струмица и за целиот наш струмички регион, но веќе ги прецизиравме и првите детали на соработката во образованието, во културата имаме веќе воспоставено соработка и во другите сегменти. Тоа што беше значајно се области во кои што Осијек е веќе влезен во реализација и решавање на проблематики, а Струмица и генерално Македонија се соочуваат со првите чекори, а тоа е делот на решавање на пречистителните станици, делот на отпадот. Граѓаните знаат дека не успеавме со АСА, а Струмица сака брзо да го реши ова прашање, така што сите овие позитивни искуства кои што во Осијек ги имаат беа веќе пренесени на работните средби, договоривме директна комуникација помеѓу раководителите на секторите и одделенијата за да може целото искуство кое што го имаат да биде пренесено и на наша страна. Исто така, два заеднички процеси се во тек, тоа е процесот на легализација кој исто се случува и во Осијек, овде разменивме искуства како тоа интензивно се прави, тие имаат 12.500 решенија, половина од нив се решени, ние имаме околу 9.500 барања за легализација, а сме се уште на една третина. Осијек тоа го има решено со дополнително ангажирање на волонтери за дел од процедурите, кое што сигурно како искуство ќе биде добредојдено за да ги забрза постапките за легализација на објектите, а секако разговаравме и за идни чекори кои што во моментов треба да ги дефинираме како идни, развојни планови на двете општини и секако можеме да размениме драгоцени искуства од кои што на крајот благодет ќе имаат граѓаните и на Струмица и на Осијек, рече градоначалникот Заев.Заменик градоначалникот на Осијек, Денис Амбруш, очекува Струмица и Осијек во иднина квалитетно да ги развиваат односите во рамките на ЕУ, затоа што искуствата на Осијек во овие две години се врзани за одредени трендови, како што се животната средина, инфраструктурата, туризмот, образованието, но и поквалитетни човечки односи.Меѓу нашите очекувања е и идната соработка во образованието, особено во високото образование, затоа што Осијек е образовен центар со 20 илјади студенти во кој егзистираат медицински, правен, економски, градежен и уште многу други факултети, а надежите на нашите два града се во земјоделството и токму егзистирањето на земјоделскиот факултет со институтот кои ги надминува рамките на Република Хрватска е тоа на кое во иднина поквалитетно ќе работиме и ќе дадеме свој придонес. Нашите два региона во иднина ги гледаме како водечки региони на национален план, затоа што компаративните предности кои што ги имаме стекнато низ историјата, се тие што ни овозможуваат нашата соработка да ја унапредиме преку размена на луѓе и добра во сегашноста која ја почнавме, а за што поквалитетна иднина на нашите граѓани, рече заменик градоначалникот Амбруш.Струмица и Осијек интензивно соработуваат во последните три години и тоа во повеќе области.