Централното градско подрачје на Струмица, ноќеска, било мета на вандали кои со часови дивееле низ него и ја уништувале урбаната опрема. Најголема штета е предизвикана во големиот градски парк. Искршени канделабри, клупи, превртени бетонски корпи за отпад, таква беше сликата што зад себе ја оставиле вандалите, а од која се згрозуваа граѓаните при утринската прошетка во еден од најубавите паркови во Македонија.
Уште неколку локации биле мета на вандалите. На плоштадот „Гоце Делчев“ се превртени корпите за отпад, на булеварот „Маршал Тито“ се искршени информативните табли за зонското паркирање, а на повеќе места во градот се испревртени контејнерите. Според Кирил Парталов, секретар на општина Струмица, уште во раните утрински часови екипа на општината излегла на лице место, направила првични записници и ја аламирала полицијата.Се уште ни се свежи сеќавањата од последното вандалско уништување на урбаната опрема во населеното место Банско, еве, денеска сме сведоци на уште едно вакво вандалско уништување на урбаната опрема во Струмица од страна на некои граѓани на општината. Ноќеска, во раните утрински часови, низ градот Струмица на повеќе локации се случувало дивеење. Ова, тука, е само уништување на опремата, односно на осветлувањето и доколку некои совесни граѓани не ги попречиле лицата кои тоа го правеле, не знаеме што навистина би се случило. Апелираме до полицијата за што побрзо откривање на овие сторители, затоа што доколку не се откријат, тоа ќе биде охрабрување ова и во иднина да ни се случува. Екипа на општина Струмица изврши увид, направени се првичните записници. Според тоа што досега го видовме, уништени се пет канделабри и околу 30 корпи се превртени, а низ градот на повеќе места има превртени контејнери, а има уништено и табли кои што се поставени за зонското паркирање во градот Струмица. Увид изврши и полицијата, првичен, а се надеваме дека во текот на денот ќе извршат и дополнителен увид за да бидат откриени овие сторители, изјави Парталов.Општина Струмица ги информира граѓаните дека поради санирање на штетите од вандалското уништување, вечерва нема да биде осветлен големиот градски парк.