Вчера и официјално стартуваше наплатата на паркирањето по главните сообраќајници во градот Струмица кои се опфатени со зонското паркирање.Од јавното претпријатие „Паркиралишта Струмица” информираат дека се задоволни од почетокот на проектот и дека првиот ден помина без никакви проблеми, со што и намерата за организирање на возилата кои гравитираат низ централното градско подрачје се покажа како оправдана со спроведувањето на проектот.
Реакциите се позитивни и самите граѓани веќе укажуваат на бенефитот од можноста да се паркира на повеќе локации и да се најде слободно паркинг место. Од претпријатието информираат дека поголем дел од паркирањето се вршело преку СМС порака, додека за сите они кои не биле во можност да испратат порака преку мобилен телефон, истото го имаат регулирано со паркинг греб карти поставени на ветробранското стакло на видно место.Над 400 возила вчера се паркирале согласно хоризонталната и вертикалната сигнализација што укажува на прифаќање на целокупниот систем и што е најважно подобрување на безбедносниот сегмент во централното градско подрачје, заради намалување на нередите во делот на сообраќајот во мирување.Работното време на Јавните паркиралишта е од 07:00 до 21:00 часот.