Денеска во просториите на домот на АРМ, свечено беше отворен Центарот на заедницата во општина Струмица. На свеченото отворање присуствуваа градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев, извршниот директор на Фондацијата отворено општество – Македонија, Владимир Милчин, претставници на јавни институции, невладиниот сектор и граѓани на општина Струмица. Во своето обраќање, градоначалникот Заев,
истакна дека овој проект е извонредна можност за продолжување на убавата приказна за континуираниот растеж на општина Струмица.Ако демократијата означува владеење на народот, тогаш таквото владеење треба да има своја тежина и во државни рамки, но и во рамките на една локална заедница. Граѓаните се тие кон кои треба да бидат усмерени сите активности на една власт и затоа секогаш треба да ни биде на ум дека ние постоиме за нив, а не тие за нас. Ете, затоа велиме „Општина по мерка на граѓаните”, a токму така е насловен и проектот кој е партнерско дело на Општина Струмица и Фондацијата Отворено општество Македонија. Во рамките на овој проект го отвораме Центарот на заедницата на општина Струмица, со уверување дека ќе биде место во кое ќе се пронајде секој оној кој прогресот на заедницата го перцепира по принципот – од граѓаните за граѓаните. Всушност овој проект треба да овозможи, граѓанинот преку овој Центар да биде центар на вниманието во нашата заедница. Изработката на локални стратегии во делот на социјалната заштита, образованието, соработката со граѓанскиот сектор и младите, како и формирањето на Центарот на заедницата на општина Струмица, се извонредна можност за продолжување на убавата приказна за континуиран растеж на нашата општина. Убеден сум дека правната и административна помош за граѓаните, неформалното образование за младите и возрасните и поддршката на младински, граѓански и културни иницијативи, како основни задачи на овој Центар, ќе бидат добра причина, адресата „Благој Мучето“ бб да биде посакувана дестинација за голем број наши сограѓани, рече градоначалникот Заев.Извршниот директор на Фондацијата отворено општество – Македонија, Владимир Милчин, истакна дека Фондацијата и општина Струмица имаат повеќегодишна соработка и изрази надеж дека таа ќе продолжи на долги патеки, од која најголема корист ќе имаат граѓаните.Се решивме на тоа да четиригодишната стратегија на Фондацијата Отворено општество Македонија, еден битен дел посвети на соработката со оние општини за кои бевме убедени дека идејата „Општина по мерка на граѓаните“ ќе биде блиска. Токму така, се вика она што ние го викаме концепт 2 во нашата стратегија. Зборувам за четиригодишна стратегија 2014 – 2017 година, што значи со нашата соработка не е крај и не е крај на соработката во овој концепт 2 и во рамките на нашите буџети до 2017. Што значи не работиме спринт на 100 метри, туку работиме трка на средни патеки, а се надевам дека ќе биде и на долги патеки и ќе биде во корист на граѓаните. Центарот на заедницата е дел од тој концепт, а тој концепт подразбира и адаптација на салата во која заседава Советот на општината и ќе биде уредена така што да може граѓаните не само да присуствуваат, туку и да учествуваат во работата. Исто така, тоа што е исклучително важно е тоа што вчера почна, а денеска продолжи, учеството на граѓаните во формулирањето на приоритетите и политиките на општината во оние области во кои општините согласно законите и уставот на Македонија имаат надлежност, рече Милчин.Центарот на заедницата е дел од проектот „Општина по мерка на граѓаните“ кој партнерски го спроведуваат општина Струмица и Фондацијата отворено општество – Македонија. Преку овој Центар ќе биде обезбедена административна помош за граѓаните, неформално образование за младите и возрасните и поддршка на младински, граѓански и културни иницијативи.