Во рамките на активностите за реализација на Проектот за собирање и третман на отпадни води во град Струмица и околните населени места – Пречистителна станица, кој се реализира од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање и Општина Струмица, преку Инструментот за претпристапна помош (IPA) на Европската Комисија (EuropeAid/133257/D/SER/MK), во салата на Советот на Општина Струмица се одржа подготвителен состанок за спроведување на постапката за оцена на влијанието врз животната средина (ОВЖС).
Состанокот главно се однесуваше на фазата – подготовка на Студија за оцена на животната средина. Целта на состанокот беше определување на обемот на ОВЖС Студијата, односно да се идентификуваат дополнителни аспекти од животната средина, културното и природното наследство, како и социјалните аспекти (здравјето и благосостојбата на жителите), кои се од интерес на Општината и главните заинтересирани страни, а би се разгледувале во Студијата за оцена на животната средина.На состанокот воведна презентација за самиот Проект и целта на состанокот дадоа претставниците на данската консултантската куќа НИРАС, ангажирана од страна на Европската Комисија. Од страна на ангажираните експерти задолжени за подготовка на Студијата беа образложени следните фази на постапката за оцена на влијанието на животната средина кои ќе резултираат со јавна расправа од која, преку активно вклучување на сите граѓани на Општина Струмица, ќе произлезе квалитетна и одржлива Студија.