Убави за гледање и вкусни за јадење, вакви беа традиционалните јадења во македонската и турската кујна кои синоќа беа презентирани во ресторанот „Либра“ во Струмица, а во рамките на одбележувањето на „Универзалниот ден на детето“. Учениците од основните и средните училишта во Струмица, како дел од тимот на Македонскиот центар за граѓанско образование од Скопје, кои работеа на принципите на меѓукултурниот дијалог и комуникација, промовирање на интеркултурната комуникација, различните вредности, толеранцијата помеѓу младите со различни култури и промовирање на детските права во рамките на проектот „Промовирање на детски права и интеркултурна комуникација“, со поддршка на Детската Фондација Песталоци, ја организираа презентацијата.
Меѓу многуте проекти кои општина Струмица ги поддржува е и проектот „Јакнење на мултиетничката соработка на општините“ како партнер на Македонскиот центар за граѓанско образование од Скопје и од тие две партнерски организации практично произлезе тимот на деца кои ги организира активностите произлезени од летниот камп кој оваа година се одржа во Банско, а кој имаше свое влијание врз тие деца да можат да изработат локална кампања на ниво на општина. Оваа локална кампања опфати две работи, првата беше со детските игри, а оваа е втората работа со традиционалните јадења во македонската и турската кујна. Овде се вклучени родителите, децата, локалната заедница и основните и средните училишта на територијата на општина Струмица. Им се заблагодарувам на сите за оваа активност бидејќи не е лесно да се води една локална кампања во денешено време и се разбира како поддршка, општина Струмица секогаш излегува во пресрет на овие деца, родители и организации кои сакаат да придонесат за интеркултурна соработка и меѓусебно почитување на двете култури. Овој проект е долгорочен, што значи продолжува и понатаму, рече Зоран Узунов, координатор на проектот од општина Струмица.По повод „Универзалниот ден на детето“, денеска, на градскиот плоштад се одржа дефиле во кое учествуваа децата од детските градинки и основните општински училишта.