Третидекември – Светскиот ден на хендикепот, денеска, беше одбележан во паралелките за образование на ученици со посебни образовни потреби – аутизам при општинското основно училиште „Сандо Масев“ во Струмица. На средбата која што се одржа во просториите на паралелките присуствуваа, учениците, нивните родители, претставници на одделението за образование при општина Струмица, Организацијата „Вешта жена“ од Струмица, здружението за деца без родители „Хуманост“ и долгогодишни соработници и пријатели, а целта беше да се привлече вниманието на власта и пошироката јавност кон оваа категорија на деца.
Пораката од денешното одбележување ја пренесе Спасе Додевски, дефектолог во училиштето.
-Како и минатата година, така и оваа го одбележуваме трети декември Светскиот ден на лицата со пречки во развојот. Нашата порака е дека со лицата со пречки во развојот треба во текот на целата година да се дружиме, да соработуваме со нив и да им излеземе во пресрет на нивната социјализација и нивното образование. Лицата со пречки во развојот имаат голема потреба од создавање одредена државна стратегија во однос на целокупното егзистирање. Се надеваме дека властите кои се грижат за тоа, во иднина ќе водат поголема грижа и дека заедно ќе постигнеме поголеми резултати во социјализацијата и развојот на овие деца, рече Додевски.
Во паралелките за образование на ученици со посебни образовни потреби – аутизам при општинското основно училиште „Сандо Масев“ во Струмица, наставата ја следат 12 ученици од регионот. Овие паралелки се први од таков тип во државата кои функционираат од 2006 година.