Со организирани активности во детските градинки и во основните општински училишта на територијата на Општина Струмица и посебно донесена програма од страна на Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, беше одбележан Светскиот ден на сеќавање на жртвите од сообраќајни несреќи.Во ЈОУДГ „Детска Радост” се реализираа повеќе активности по сите клонови, особено кај поголемата возрасна група.
Со сликовницата „Девојчето Цвета низ градот се шета“, преку текст и слика, децата се запознаа со сите поими од сообраќајот и правила на однесување на улица во секакви ситуации. За децата беа организирани едукативни предавања од сообраќајниот буквар, со ликовно и музичко изразување.Во основните училишта се реализирани активности на ниво на училишта и на ниво на секции. На одделенскиот час учениците беа запознати со значењето на денот за сеќавање на жртвите од сообраќајни несреќи преку реферат, разговор, дискусија и работилница, беа изведени активности на часовите по македонски јазик, ликовно и техничко образование преку литературни и ликовни творби на тема од сообраќајното воспитување и подготовка на ѕиден весник истакнат на видно место на главното пано со ликовни трудови и пораки за правилата и безбедноста во сообраќајот.Обединетите нации на 26 октомври 2005 година усвоија резолуција со која во третата недела од месец ноември е прогласен Светски ден за сеќавање на жртвите од сообраќајни незгоди.Одбележувањето на овој ден е од големо значење за да се потсетат граѓаните дека не би имало жртви доколку се почитувале сообраќајните правила и прописи и кога не би се користеле технички неисправни возила.