На иницијатива на градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев, синоќа во домот на АРМ, се одржа средба со претставниците на здруженијата на лица со посебни потреби. Оваа традиционална средба се одржува по повод светскиот ден на хендикепот, но и во време кога се крои буџетот на општината за наредната 2015 година. Затоа, ваквата средба е одлична можност за заедничко разгледување на проблемите и потребите и утврдување на приоритетите во новата буџетска година.
Поради континуираната поддршка на здруженијата од страна на општината и градоначалникот Заев, многу малку проблеми останаа за решавање, а кои се во надлежност на општината. Претставниците на здруженијата како поголеми проблеми ги потенцираа непостоењето на соодветни просторни услови за работа на здруженијата и слабиот ефект од отворањето на дневниот центар за лица со посебни потреби од страна на министерството за труд и социјална политика. Иако и двата проблема не се во надлежност на општината, градоначалникот Заев, ја понуди својата и поддршката на општинската администрација во решавањето на проблемите, а со единствена цел подобрување на животот на лицата со посебни потреби.Традиционално го организираме овој состанок заради тоа што е одличен момент, во фаза на подготовка на буџетот, каде што разговараме за сите нивни потреби кои што општината со сите свои надлежности може да ги заврши во наредната 2015 година. На ваквите состаноци од прва рака излегуваат вистинските потреби на граѓаните кои што досега, барем во овие девет и пол години, Советот, општинската администрација и јас како градоначалник ги прифаќаме, вградуваме и ги решаваме конкретните проблеми. Генерално, немаме постојни проблеми со кои што се мачат нашите сограѓани со пречки во развојот, но никогаш не е на одмет да имаме нешто плус повеќе, кое што значи, нивна дополнителна инклузивност, нивна социјализација, или, генерално, нивно плус олеснување на животот кој што го живеат. Тоа е обврска на сите нас, секако прво граѓаните, но посебно ние кои што водиме општествени институции, да излеземе во пресрет, да ги решиме можните проблеми и да го подобриме животот на граѓаните со посебни потреби, рече градоначалникот Заев.