Градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев, денеска, во фоајето на НУЦК „Антон Панов“ ја отвори хуманитарната изложба „Македонски пејзаж“ на познатиот ликовен уметник Георги Божинов – Фаника. Отворањето на изложбата е во рамките на програмата со која општина Струмица го одбележува Денот на заштитниците на градот „Св. 15 Тивериополски Свештеномаченици“.Морам да признаам дека ја сакам ликовната уметност, но сликањето и цртањето не ми се силна страна.
Па сепак, совршено добро знам, дека за да се нацрта круг, потребно е да се тргне од една појдовна точка, за на крајот потегот да заврши на истата таа точка. Почетокот и крајот имаат нешто заедничко. И кога сме веќе кај кругот, тогаш треба да знаеме дека денес сме сведетели на еден убав круг, направен од врвен уметник. Професионалниот и животен круг на Георги Божинов – Фаника започнува од неговата Струмица, за да продолжи во Скопје, Љубљана, Верд, Врхника,Момјан, Истра, Париз, Амстердам, Охрид и Дојран. Се разбира, како што веќе реков, кругот завршува онаму каде што започнува. Кругот завршува на местото каде што си тежи каменот, на местото каде што се наоѓаат инспиративните „корени“ на уметникот, и конечно на местото каде што се уште држи вода изреката „само дома си е дома“. Од Струмица до Струмица, во своето полувековно уметничко патешествие, Георги Божинов – Фаника, продуцирал огромен број свои дела кои несебично ги споделувал со љубителите на ликовната уметност од земјата и странство, преку педесеттината самостојни и стотината групни изложби, преку учеството на повеќе ликовни колонии и преку дружењето со своите сродни души во неговите атељеа, без разлика на која географска точка тие се наоѓале, рече градоначалникот Заев.