Јавното претпријатие за комунални дејности „Комуналец“ денеска упати апел до граѓаните на општина Струмица да престанат со создавање на диви депонии во градот, затоа што претпријатието има капацитет, отпадот на граѓаните да го подигнува од пред нивните домови. Раководителот на работната единица „Чистота“ Бранко Ѓоргиев информираше дека и покрај редовното подигнување на отпадот, на неколку улици во градот постојано се создаваат диви депонии. Како пример ја посочи улицата „Ѓорѓи Василев“ каде што иако во петокот бил подигнат отпадот, денеска, таму граѓаните веќе направиле нова депонија.
Не само на оваа улица, туку, на неколку улици во градот постојат такви диви депонии каде што секојдневно се фрла отпадот. Такви примери имаме на улицата „Ванчо Прке“, на спојот на улицата „Моша Пијаде“ со улицата „11 Октомври“ и овде на улицата „Ѓорѓи Василев“. Иако отпадот од оваа улица беше подигнат во петокот, денеска, понеделник, ја имаме истата слика. Сакаме да дадеме еден апел до граѓаните, особено, од овие три локации, дека нема потреба од создавање на диви депонии по улиците бидејќи телефонскиот број на „Комуналец“ 034 325 909 и телефонскиот број на „Систем 48“ 0800 1 48 48 се нон стоп во функција и ги примаат повиците, граѓаните само треба да се јават во „Комуналец“ или на „Систем 48“ за да дојдат нашите возила и да го подигнат отпадот од пред нивните дворни места. Значи нема потреба од создавање на диви депонии, рече Ѓоргиев.