Струмица од синоќа почна да живее во духот на вистинските културни вредности направени со љубов за шестото издание на „Струмица опен фестивал“. Фестивалските содржини започнаа пред библиотеката „Благој Јанков Мучето“, а фестивалот за отворен го прогласи вршителот на должноста градоначалник на општина Струмица, Костадин Костадинов.
Вечерва Струмица и струмичани го празнуваат почетокот на шестото издание на „Струмица опен фестивал“, го празнуваат фестивалот кој подеднакво го сакаат и децата, и младите и старите. Тоа наше празнување ќе трае цели 11 денови, почнувајќи од вечерва, па се до 13. август. Единаесет денови, нашите срца ќе бијат во ритамот на музиката и забавата и во духот на вистинските културни вредности. Сето тоа ќе се случува на шест отворени сцени со 20 разновидни содржини, преку кои ќе биде свртено вниманието на граѓаните од Струмица и надвор од неа, од различни генерации и со различни интереси и вкусови. Тоа го прави „Струмица опен фестивал“ различен од сите други летни фестивали во Македонија и поширокиот регион. Тоа и нас треба да не прави среќни и горди, затоа што сме дел од оваа амбиентална посебност, затоа што си ја сакаме Струмица. Ако организаторите од „Културен забавен живот“ велат дека тоа што ќе се случува во рамките на овогодинешниот „Струмица опен фестивал“ е „направено со љубов“, тогаш нам ни преостанува на љубовта да возвратиме со љубов. А така, Општина Струмица и годинава со љубов го поддржа овој фестивал и со љубов ги кани сите добри луѓе со добра мисла, да бидат дел од сите фестивалски содржини. Ајде да уживаме во понуденото. Ајде да ги отвориме срцата и душите за сите добронамерници. Ајде да бидеме добри домаќини. Шестиот „Струмица опен фестивал“ го прогласувам за отворен, рече Костадинов. Фестивалските содржини продолжуваат вечерва во летниот амфитеатар со италијанска вечер со Васил Гарванлиев која што ќе започне во 21 часот, а ќе продолжи со рок концерт кај чешмичката пред големиот градски парк.