Најпопуларниот балкански кантавтор Дино Мерлин, ја имаше честа, ноќеска, да го затвори шестото издание на најголемата културно – забавна манифестација „Струмица опен фестивал“. Тој ја оправда довербата на организаторот пред публиката од сите генерации која го наполни плоштадот и уживаше во неговиот настап.
Меѓу нив беше и премиерот Зоран Заев, кој додека беше градоначалник на општина Струмица, на овој фестивал му даваше максимална поддршка, но и сега од премиерската позиција. Поддршката ја продолжи и неговиот наследник, вршителот на должноста градоначалник Костадин Костадинов и Советот на општина Струмица, кои годинава фестивалот го поддржаа со три милиони денари. Струмица докажа дека знае и може да понуди десетдневна фестивалска програма направена со љубов, беспрекорно да ја реализира и на едно место да собере публика од сите генерации. На последната музичка вечер, на големата фестивалска сцена пред Мерлин настапија Нино Величковски, Queen Real Tribute, електронските дуа Disconnected и Cyrillic.