Со обелени училници и други работни простории, во кои е извршена дезинфекција, дезинсекција и дератизација, со целосно завршени активности во поглед на подготовките за новата грејна сезона, со одредени градежни зафати, реконструкции и ентериерско подновување, вчера основните и средните училишта во општина Струмица, подготвени ја дочекаа новата учебна 2017 / 18 година. Со тоа се обезбедени оптимални услови за непречено и успешно спроведување на воспитно-образовниот процес. Новата учебна година, успешно започна за 5.015 основци, од кои 499 се првооделенци, како и за околу 3.100 средношколци, од кои, околу 870 се ученици кои за прв пат седнаа во средношколските клупи.