Советот на општина Струмица ја одржа првата конститутивна седница

Марјан Даскаловски е избран за претседател на Советот на општина Струмица на првата конститутивна седница која што се одржа денеска во домот на АРМ. Изборот се изврши по верификацијата на мандатот на членовите на Советот и давањето на свечената заклетва, а седницата до изборот на Даскаловски за претседател, ја водеше највозрасниот член на Советот, Нада Бајрактарова.

 

На првата конститутивна седница присуствуваше и градоначалникот на општина Струмица, Коста Јаневски. Тој му го честиташе изборот на Марјан Даскаловски за претседател на Советот, а на останатите членови верификацијата на мандатот, со желба за успешна и плодна соработка во наредните четири години. Ми беше чест и задоволство, но секако и обврска, да присуствувам на конститутивната седница на Советот на општина Струмица. Очекувам, како нов градоначалник, уште од самиот старт да воспоставам добра соработка со претседателот на Советот и со сите советници, оти таквата соработка е повеќе од неопходна за доброто на општината и сите нејзини граѓани. Истовремено, како поранешен член на Советот, подготвен сум да ги пренесам моите стекнати искуства со сегашните советници. Апелирам до советниците и од позицијата и од опозицијата, заеднички да работиме за интересите на граѓаните. Искрено се надевам дека на тој начин ќе овозможиме брз прогрес на општината на сите можни полиња. Граѓаните тоа го очекуваат од нас и ние сме должни да ги исполниме тие нивни очекувања, рече Јаневски. Заблагодарувајќи се за изборот, Даскаловски рече дека третиот избор за претседател на Советот на општина Струмица, за него претставува голема чест, но истовремено и голема обврска. Јас се надевам дека со новиот градоначалник Коста Јаневски, ќе имам одлична соработка, како што имав со претходниот градоначалник Зоран Заев и заедно со советничката група и на Социјалдемократскиот сојуз и на ВМРО ДПМНЕ ќе ги гласаме едногласно одлуките кои ќе носат добро на граѓаните на општина Струмица. Можам да споредам, бидејќи бев претседател на Советот два пати, ова ми е трет пат, во првиот Совет имавме одлична соработка меѓу двете советнички групи кога советниците најчесто едногласно ги носеа одлуките и вториот Совет каде што имаше премногу политика, советниците од ВМРО ДПМНЕ многу пати не беа конструктивни. Се надевам дека од овој состав такви опструкции на Советот ќе нема и сите одлуки ќе се носат едногласно, рече Даскаловски. На денешната прва седница на Советот, беа избрани членовите на Комисијата за мандатни прашања, избори и именувања, а беше усвоена и одлуката со која членовите на Советот се овластија да учествуваат во постапката при склучување на бракови во општина Струмица.