Јаневски: Со ширум отворените порти на нашиот град стануваме дел од глобалниот гастрономски свет

Од вчера попладне до 28 октомври, општина Струмица е домаќин на вториот интернационален гастрономски натпревар – ГастроМак Македонија 2017. На оваа манифестација која што се одржува во хотелот „Вила Парк“ под мотото „Залче од светските вкусови“ во своите кулинарски вештини ќе се натпреваруваат 300 готвачи од 35 држави. Учесниците и гостите на свеченото отворање ги поздрави и им посака срдечно добредојде, градоначалникот на општина Струмица, Коста Јаневски.

 

Ми претставува чест и задоволство што можам да ви се обратам од името на градот-домаќин, на чинот на свеченото отворање на Вториот Интернационален гастрономски натпревар – ГастроМак Македонија 2017, и да ви посакам срдечно добредојде во нашиот град и општина. Ако мотото на оваа манифестација гласи „Залче од светските вкусови“, би сакал со гастрономски речник јавно да им одадам признание на луѓето од „ГастроМак“ на чело со госпоѓата Адријана Алачки, за „крупниот залак“ кој го преземаат, со организацијата на еден ваков грандиозен настан, за наши прилики. Струмица во годините наназад, многу пати покажала и докажала дека е кадарна да ја оправда довербата да биде град-домаќин на бројни респектабилни меѓународни случувања од различни области. Со ширум отворените порти на нашиот град и на хотелот „Вила Парк“, убеден сум дека така ќе биде и овој пат, со што дефинитивно стануваме дел од глобалниот гастрономски свет. Возвраќајќи на довербата со доверба и на љубовта со љубов, верувам во взаемните придобивки од овој убав настан. Тоа значи дека светските кулинари несебично ќе ни ги даруваат „плодовите“ на нивното мајсторство, а ние нив ќе ги почестиме со сите белези на нашата традиционална кујна како и со автентичноста на струмичкото културно-историско и природно богатство. Нека биде така, за убави и вечни спомени од оваа струмичка есен, рече Јаневски.