Младински културен центар, цветен пазар, центар за пензионери и стари лица, центар за планско-земјоделско производство за градење на бренд за здрава еколошка храна се проектите што ги одбраа членовите на работните маси на Третата форумска сесија од програмата “Форуми во заедницата“….
Центар за рехабилитација и ресоцијализација на корисници на дрога и алкохол, клуб за психосоцијална поддршка на лица заболени и оперирани од карцином, младински културен центар, цветен пазар, искористување на потенцијалите на планините Беласица и Еленица за туристичко рекреативни и едукативни активности, центар за пензионери и стари лица, центар за планско-земјоделско производство за градење на бренд за здрава еколошка храна и реновирање и опрема на спортски терени и сали во основните и средните училишта се проектите што ги одбраа членовите на работните маси на Третата форумска сесија од програмата “Форуми во заедницата“ што се одржа во Домот на АРМ на 3 јули во Струмица.
На форумската сесија присуствуваа околу 100 граѓани и околу 20 гости. Форумската сесија започна со обраќање на амбасадорката на Швајцарија во Македонија Nicole Wyrsch и претставничката од Министерството за економија Николина Трајановска. Според амбасадорката, Струмичани докажаа дека имаат капацитет да создадат квалитетни проекти, Таа посочи дека особено радува фактот што Струмица може да се спореди со помалите места во Швајцарија затоа што граѓаните докажаа дека можат и знаат како да прифатат и сработат програма како што е Форуми во заедницата. “Мора да се гледа долгорочно и да се внимава проектите што ќе се спроведат преку „Форуми во заедницата“ да имаат одржлив развој“, препорача од своја страна, претставничката на Министерството за економија Трајановска.
Сесијата продолжи со двеминутна презентација на секој предлог проект од секоја работна група. На оваа форумска сесија се разви жива дискусија во врска со предлог проектите, а работните групи имаа можност да поставуваат прашања за и околу проектите. За поголемиот дел од проектите се покажа дека се изводливи и дека имаат одржлив развој а со тоа обезбедија и согласност од присутните за натамошно развивање и изработка.
Останува Струмичани, кои се вклучени во Програмата до следната сесија што ќе се одржи во септември, да се подготвуваат, да истражуваат и создадат квалитетни проекти за кои во наредните сесии ќе треба да лобираат и присутните граѓани со право на глас да дадат глас токму за нивниот проект.
Граѓаните, на овој начин, одлучуваат каде и на кои проекти ќе се потрошат шестте милиони денари од кои четири се од швајцарската агенција за развој и соработка, а два милиони учество на општината.