На оваа форумска сесија, присутните, заедно со имплементаторите преку презентација на проблемите и барање на решенија за јавните површини, инфстраструктура и едукација и подигање на јавната свест, дебатираа зошто ги предложиле овие проблеми и зошто бараат нивно решавање….
Втората форумска сесија во рамките на програмата “Форуми во заедницата“ в среда, на 11 јуни, се одржа во Домот на АРМ во Струмица, во присуство на 95 граѓани.
Сесијата покажа дека веќе јасно може да се видат целите и приоритетите на граѓаните согласно глобалната тема Локален економски развој што ја утврдија граѓаните на Нултата сесија.
На оваа форумска сесија, присутните, заедно со имплементаторите преку презентација на проблемите и барање на решенија за јавните површини, инфстраструктура и едукација и подигање на јавната свест, дебатираа зошто ги предложиле овие проблеми и зошто бараат нивно решавање.
Според Виолета Голубова, вработена во Центарот за глуви и наглуви лица, преку програмата “Форуми во заедницата“ може да се решат многу проблеми.
Но, вели таа, граѓаните мора при создавање на финалниот проект да мислат глобално, а не индивидуално, затоа што бенефитот од крајниот проект кој ќе се одбере за реализација треба да го почувствуваат сите жители на струмичко.
Втората форумска сесија покажа дека дел од предлог-проблемите се изводливи и може да се направи предлог-проект за истите. Претставници на одделението за урбанизам при општина Струмица, за дел од проблемите, посочија дека веќе се работи за нивно решавање од страна на општината.
Некои од проблемите, пак, според нив, не може да се разгледуваат затоа што општината нема ингеренции бидејќи локациите се во приватна сопственост.
Еден од таквите предложени проблеми е и пензионерскиот дом којшто не би можел да се гради во тој дел каде беше посочено бидејќи објектот е во приватна сопственост.
Меѓу проблемите што Струмичани ги разгледуваа се и скејт парк, планински патеки со патна сигнализација со обележја, пристапни рампи на места каде ги нема, како и спортско рекреативни објекти каде младите ќе може да се разонодуваат и да спортуваат.
На претходните сесии се формираа 10 работни маси и работни групи кои ќе ги истражуваат дефинираните проблеми, а што во натамошните сесии ќе произлезат со конкретни решенија и проекти.Програмата “Форуми во заедницата“ има за цел да го зајакне партиципативното учество на граѓаните, кои со сопствени идеи, предлагаат решенија за проблемите во општината, а што се преточуваат во конкретни резултати.