Според Новогодишниот избор на магазинот Форум Плус, Општина Струмица е прогласена за најубав македонски град за живеење.
Во последните четири – пет години Струмица во својот развој се доближува до современите европски градови средна големина, а истовремено претставува екомски и културен центар на Југоисточна Македонија. Таа е локомотива на развојот на овој регион, кој од екстензивно земјоделско, израсна во интезивно аграрно-индустриско подрачје. Стандардот на населението е добар, присутна е голема самоиницијативност, а вработените во аграрот, индустријата и локалната самоуправа се свртени кон користење на сопствените ресурси. Струмица е отворена за секаков вид соработка кој е во интерес на нејзините граѓани.
Фактичката невработеност е најниска во Македонија а просечната плата е 16.000 денари, што е за 20 проценти над македонскиот просек. Има низок криминалитет, сведен главно на џебни кражби. Меѓу националните и меѓу конфесионалните односи се одлични, иако тука има околу дваесетина религиозни заедници чии припадници меѓусебно живеат во хармонија. Климата е пријатна – медитеранско-континентална. Населението е младо, убави луѓе, а особено жени. Во регионот има приватни научни институции од областа на земјоделството, образование на сите нивоа (Земјоделски факултет).
Културниот живот е богат преку цела година, а има и активен театарски живот. Освен тоа, тука се и Струмикчката ликовна колонија, познатиот Струмички карневал, чести концерти, разновиден и богат ноќен живот исполнет со креативни забави … Се негува спортот, има фудбалски, кошаркарски клуб, како и спортски хали и игралишта. Има добра стратегија за локален економски развој а комуналните такси за изградба на производствените погони се намалени. Инфраструктурата е креирана според потребите на развојот на стопанството. Локалната самоуправа обезбедила, лесен, брз и едноставен начин за добивање документација потребна за изградба на производствени погони, организира и учествува на саемски манифестации а поттикнува и дава силна поддршка на странските партнери.
Еколошката свест е висока, парковите се уредени и зелени, а има и локална прочестителна станица за озонирање на водата. Процедурите за изградба на станбен и деловен простор е олеснета, а е формирана и канцеларија за посредување за добивање градежна документација. Цените за комуналии се ниски: од 1.000 до 1.700 денари за квадратен метар.
Текстот е изваден од магазинот Форум Плус, повеќе за Струмица и другите градови од Македонија можете да прочитете во Форум Плус Магазинот бр. 66.