Почитувани претставници на медиумите, почитувани граѓани !
И оваа недела Општина Струмица практикувајќи го овој начин на комуникација со Вас почитувани, има намера не само да Ве информира за неделните активности, туку и да иницира Ваше активно вклучување во креирањето на општинската политика за градење општина по мерка на сите граѓани…
Од Секторот за урбанизам и комунални работи ве информираме за Интензивните градежни работи за реконструкција и санација на општинската административна зграда, многу важен споменик на културата, значаен белег на градот.
Интензивните градежни работи продолжуваат и на Булеварите „Маршал Тито и Климент Охридски“.
Гребење на втор слој од асфалтот заради нивно повторно асфалтирање, извршено е на улиците „Панче Пешев“, „Невена Стојкова“ и „Славчо Стојменски“, а во подготовка за асфалтирање се потегот на Улицата Климент Охридски до базата на Градежното претпријатие „Пелагонија“ и главната улица во селото Раборци.
Извршено е асфалтирање и на џебот на улицата „Мито Хаџивасилев Јасмин, со што се реши еден од проблемите на граѓаните од овој дел.
Ве известуваме дека во тек е и заменување на лежечките полицајци пред училиштата на улиците „Моша Пијаде“, „Маршал Тито“ и „Младинска“.
Почитувани граѓани!
Огромните напори на Општина Струмица да се справи со еден од многу важните проблеми за граѓаните, сообраќајниот метеж во градот и околните места, состојба изразена преку небезбедна комуникација на возилата и граѓаните низ улиците на Струмица, во периодот кој следува треба да вроди со плод.
Од месец ноември, со вработувањето на Сообраќаен инженер, кој за жал до овој период беше дефицитарен кадар, Општина Струмица ќе може професионално да ги извршува задачите согласно надлежностите во областа на регулирање на сообраќајот, заради што им препорачуваме на сите граѓани кои имаат проблеми од овој тип да се обраќаат до соодветниот сообраќаен инженер во општината.
Во насока на решавање на овој проблем е отпочнувањето со работа на Јавното Претпријатие за изградба, одржување и користење на јавни паркинг простори „ Паркиралишта“- Струмица и во состав на истото функционирањето на „Пајак возилото“.
Овие денови се привршува со доекипирање и обуката на кадрите, како и воспоставувањето на соработката со надлежните од Министерството за внатрешни работи, со што сметаме дека во целост ќе се исполнат условите за функционирање на истото, согласно утврдените надлежности.
Затоа ги молиме граѓаните да ги почитуваат сообраќајните знаци и забраните за паркирање на местата несоодветни за тоа.
Благодарам!
ОПШТИНА СТРУМИЦА
МЕДИА ЦЕНТАР