Почитувани претставници на медиумите, почитувани граѓани !
Ве известуваме дека Јавните собири кои се организираат на иницијатива на Градоначалникот Зоран Заев согласно неговите законски и статутарни овластувања, заради дефинирање на приоритетите на урбаните, односно месните заедници, сеуште траат…
Почитувани претставници на медиумите, почитувани граѓани !
И оваа недела информираме за општински активности од повеќе области.
Ве известуваме дека Јавните собири кои се организираат на иницијатива на Градоначалникот Зоран Заев согласно неговите законски и статутарни овластувања, заради дефинирање на приоритетите на урбаните, односно месните заедници, сеуште траат.
Во сабота на 15ти Ноември 2008 година во 19 часот, во Дом на АРМ ќе се одржи Јавен собир за граѓаните од I, II, V, и VI урбана заедница, а во недела во истиот термин и на истото место ќе се одржи Јавен собир за III, IV и VIII Урбана заедница.
Ве молиме за Ваше присуство заради обезбедување на што повеќе предлози за добри решенија.
Од културните активности известуваме за Возвратната посета на Општина Струмица, Република Македонија на Општина Пјаченца, Република Италија.
Во рамките на манифестацијата „НЕДЕЛА НА ИТАЛИЈАНСКИОТ ЈАЗИК ВО СВЕТОТ“ и реализацијата на проектот „Размена на Културни вредности и искуства“ општинска делегација, Советници од Советот на општина Струмица и Пратеници од Детскиот Парламент ја потврдуваат заедничката заложба за мултикултурна соработка меѓу двете општини.
Од одделението за Локален Економски развој Ве информираме за:
Активности на меѓународен план. Делегација од Општина Струмица ја посети Република Турција, општина Илиџа, Анталија во рамките на Програмата на Европската унија за развивање на соработката помеѓу општини од земји кандидатки за членство во Европска Унија и земји членки на Европска Унија.
Општина Струмица како партнер во овој проект заедно со Општина Илиџа Анталија и Општина Балатон Унгарија е прва општина во Државата вклучена во таков вид на соработка.
Проектот е финасиран од ЕУ со цел градење на општински сервиси според ЕУ стандарди.
Во рамките на оваа посета беше остварена и средба со Градоначалникот на општина Илиџа Анталија, г-динот Рафет Унал заради продлабочување на меѓуопштинската соработката.
Општина Струмица во контекст на Добиената награда за најдобра практика за проектот „Реконструкција и надградба на Градскиот пазар“ во понеделник на 17ти Ноември во 11 часот, организира отворен ден за десеминација и ширење на практиката кон другите општини. Во рамките на оваа активност, на Состанокот во Струмица ќе присуствуваат претставници на ЗЕЛС, Советот на Европа, Европската Унија, Усаид и други високи гости. Целта на овој состанок е ширење на искуства и пренесување на струмичкиот модел за јавно приватно партнерство и во другите општини во државата.
Од Секторот за урбанизам и комунални работи известуваме за
Завршните активности за поплочување на тротоарите со бекатон плочки на Улица „Младинска“ и поставувањето на Столбчиња на тротоарите на „Младинска“ пред Јавната здрвствена установа Општа Болница Струмица и на Булеварот „Маршал Тито“.
Поради недостапност на соодветна опрема за асфалтирање, на дел од улицата 5ти Ноември се отпочна со бетонирање.
Отпочнато е редовното годишно чистење на каналот на Улица „Крушевска Република“, заради надминање на еден од многу важните проблеми на граѓаните од тој дел на градот.
Извршено е гребење на асфалт на улица „ Балканска“ на потегот од Кружниот тек до улицата „ Дрварска“, заради поставување на втор слој на асфалт.
Во недела на 16ти Ноември 2008 година во 12 часот, свечено ќе се предаде во употреба Водоводот во селото Дабиље со што ќе се заокружи процесот на обезбедување чиста вода за пиење во градот Струмица и сите населени места во општината, единствен таков пример во државата.
Ве известуваме дека Општина Струмица активно се вклучува во акцијата за озеленување на нашата држава „Ден на дрвото-засади ја својата иднина“.
Акцијата за пошумување на локалцијата над „Еленица“ ќе се одржи во среда 19 ноември 2008 година, со почеток во 10 часот. Пожелно е секој заинтересиран граѓанин да даде свој допринос.
Почитувани граѓани!, следете ги редовно неделните информативни известувања за работата на Општина Струмица заради Ваше корективно вклучување во понатамошното работење на општината.
Благодарам! ОПШТИНА СТРУМИЦА
МЕДИА ЦЕНТАР