,,Отстрелот” на политичките неистомисленици со власта во Република Македонија добива загрижувачки димензии. Обидите за моја политичка елиминација и дискредитација, но и за нарушување на човечкото достоинство, низ разни притисоци, конструкции и закани, траат подолго време…
,,Отстрелот” на политичките неистомисленици со власта во Република Македонија добива загрижувачки димензии. Обидите за моја политичка елиминација и дискредитација, но и за нарушување на човечкото достоинство, низ разни притисоци, конструкции и закани, траат подолго време, а кулминираа со обвинението за злоупотреба на службена должност при изградбата на градскиот пазар во Струмица.
Јавното обвинителство и МВР ја темелат својата хајка против мене и моите соработници на три главни обвиненија:
1. Непочитување на правото на денационализација
2. Прекршен закон за јавни набавки
3. Објектот е изграден на државно земјиште без согласност на Владата.
Во името на вистината, а во согласност со позитивните законски прописи во Република Македонија фактите го зборуваат следното:
1.Обвинение: не е почитувано право на денационализација !
Лицата кои бараа да им се врати земјиштето на локацијата на сегашниот градски пазар тоа го направија во судски постапки. Процесот заврши со правосилни судски одлуки донесени од основен суд и потврдени на апелационен суд со кои им се отфрлија барањата и тоа на основ на законот за денационализација. На локацијата има дефинирано јавен интерес од 1968 година кога е изграден пазарот во Струмица, а тоа се гледа од Генералните урбанистички планови од тогаш до денес.
2. Обвинение: прекршен закон за јавни набавки !
Општина Струмица нема потрошено ниту еден денар за изградба на овој проект а со тоа и не сме законски обврзани да спроведеме процедура за јавна набавка, но сепак во максимално транспарентна постапка избравме соинвеститор. Општината не набави ништо за потребите на овој проект и тоа може да се види од буџетите на општина Струмица кои се информации од јавен карактер.
3. Обвинение: дека градбата е на државно земјиште без согласност на Влада на Република Македонија !
Според сите позитивни законски прописи во Република Македонија на локација на која има дефинирано објект од јавен интерес може да се гради исклучиво ако земјиштето е во сопственост на Република Македонија, ако на таква локација земјиштето е приватно, прво треба да се изврши експропријација, да се запише во катастар на име на Р. Македонија и дури потоа да се определи кој ќе биде корисник на тоа земјиште а со тоа и кој ќе го гради. Тоа нешто е создадено со решение за експропријација од 1957 година. Од тогаш до денес корисник на тоа земјиште е ЈПКД Комуналец – Струмица, а како корисник има законско право на градба на тоа земјиште согласно генералниот и деталниот план од 1987 година.
Врз основа на овие непобитни факти, сите релевантни институции но и граѓаните на Република Македонија нека ја осознаат вистината и нека ја разрешат дилемата дали има правна основа за сомневање или станува збор за монтиран политички процес, кој за жал по директива и притисок на власта, продолжува понатаму. Власта продолжува со притисокот врз судството.
Шест невини луѓе, сосила се прават виновни. Шест семејства без причина се заложници на агонијата.
Некои луѓе ја погребуваат демократијата во Република Македонија. Ќе бидете ли рамнодушни кон сево ова или не, одлучувате самите. Утре ова може и Вам да Ви се случи.
Зоран Заев
Градоначалник на Општина Струмица