Во близината на Струмица, во октомври годинава ќе биде поставен камен-темелник на новата индустриска зона во која мултинационалната компанијата Stiafilco ќе изгради четири фабрики и ќе вложи 150 милиони евра во кои ќе бидат вработени најмалку 3000 работници.
Инвеститор на овој крупен индустриски комплекс ќе биде мултинационалната компанија со грчки, холандски и шпански капитал „Stiafilco“, која за таа намена во Македонија веќе ја формира фирмата „Истос“ и која вкупно ќе вложи 150 милиони евра за отворање на четири преработувачки капацитети во кои ќе бидат вработени најмалку 3.000 работници.
Во врска со преговорите со грчкиот инвеститор Градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев за медиумите изјави:
– Станува збор за четири засебни погони за производство на текстил, тектилни суровини, погон за конзервирање и погон за електроматеријали. Во моментов тоа ќе биде еден од најкрупните инвестициски зафати на странски партнери во земјава. Како што е зацртано, капацитетот за текстилни суровини и конзервната фабрика треба да бидат дадени во употреба во текот на наредната година, а само во нив ќе бидат вработени 1.500 лица. „ Stiafilco “ наредниот месец ќе учествува на јавната лицитација за доделување на 40 хектари државно земјиште што ќе ја организира Владата, по што Советот на Општина Струмица треба да го усвои Предлогот за ослободување на инвеститорот од плаќање на комуналиите во висина од 80 насто. Оваа поволност ќе важи и за други странски фирми кои ќе сакаат да вложуваат свој капитал во Струмица, што веќе има позитивен одзив кај странските инвеститори кои најавуваат вистинска експанзија за отворање на нови бизниси во наредните неколку години, рече Градоначалникот на општина Струмица Зоран Заев.
Оваа година Општина Струмица потроши 30.000 евра само за донесување на урбанистичкиот план за новата индустриска зона „Исток“ која се протега меѓу населените места Сачево и Градско Балдовци. Во меѓувреме „Стијафилко“ изработи комплетна физибилити студија со посебни проектни решенија за секој од наведените преработувачки капацитети, а во Струмица веќе пристигнува и дел од опремата која ќе биде вградена во првите две фабрики.