Владини препораки за заштита од корона вирусот

Согласно Заклучокот на 11-та седница на Владата на Република Северна Македонија одржана на 25.02.2020 година, повторно се апелира за итно постапување на следните насоки: Владата на Република Северна Македонија ги известува сите вработени во државните и локалните институции и претпријатија, вработените во основно, средно и високо образование, како и сите ученици и студенти дека доколку во последните 2 недели патувале или живеат со некој кој патувал во следниве земји/региони: регионите Ломбардија, Венето, Емилија Ромања, Пиемонт во Италија, како и Народна Република Кина, Хонг Конг, Иран, Јапонија, Маку, Филипини, Република Кореа, Сингапур, Тајван, потребно е да не доаѓаат на работа, на училиште или на факултет и да ја информираат институцијата, претпријатието и образовната институција и веднаш да се јават на телефоните за контакт во центрите за јавно здравје. Согласно заклучоците донесени на 11-та владина седница, а во врска со заштита на јавното здравје во услови на брзо ширење на корона вирусот на глобално ниво, Министерството за образование и наука информира дека до основните и средните училишта во земјата, универзитетите, јавните научни установи и другите образовни институции, доставени се детални насоки за постапување со цел заштита на учениците, студентите и вработените од евентуално заболување и понатамошно пренесување на овој вирус. Имено, покрај организирањето на едукативни предавања поврзани со начините за превенција од корона вирусот, насоките за постапување наложуваат образовните установи да ги одложат планираните патувања и екскурзии на ученици, студенти и вработени во Република Италија. Исто така, во најкус можен рок по телефонски/електронски пат потребно е образовните установи да обезбедат информации од сите свои вработени, ученици и студенти – дали во последните 2 недели патувале или живеат со некој кој патувал во следниве земји/региони: Ломбардија, Венето, Емилија Ромања и Пиемонт во Италија, како и во Кина, Хонг Конг, Иран, Јапонија, Маку, Филипини, Република Кореа, Сингапур и Тајван. Лицата кои ќе дадат потврдна информација потребно е да не доаѓаат на работа, односно да не посетуваат настава, додека не добијат соодветни инструкции, односно совети за следни чекори што ќе треба да ги направат зависно од ситуацијата и од планот на надлежните здравствени институции и Владата. Во меѓувреме, потребно е менаџментите на училиштата, универзитетите, јавните научни установи и сите други образовни институции да ја подигнат хигиената на највисоко ниво во сите простории каде има честа фреквенција на луѓе. Министерството за образование и наука АПЕЛИРА континуирано да се следат насоките и препораките од Светската здравствена организација, Министерството за здравство, Институтот за јавно здравје и Владата на Република Северна Македонија.