Во фоајето на центарот за култура „Антон Панов“, синоќа, беше отворена традиционалната изложба на дела создадени на Меѓународната струмичка ликовна колонија, а по повод Денот на ослободувањето на Струмица. Отворајќи ја изложбата, градоначалникот Коста Јаневски потенцираше дека богатиот фонд на колонијата е непроценливо богатство кое ја осведочува ликовната историја на нашиот град и држава.
Пред сите нас, пред нашата љубопитност и потребата за убаво доживување, ги имаме на показ 40-те дела создадени на овогодинешната 56-та по ред Меѓународна струмичка ликовна колонија, како своевиден сублимат на творечкиот порив на 14-те ликовни творци од САД, Полска, Русија, Србија, Грција, Бугарија и Северна Македонија. Притоа, не смееме да заборавиме дека во рамките на колонијата се одржа и 26-то Студио за мозаик, со кое раководеше нашиот познат сликар и мозаичар, Александар Филев, кое е вистински раритет во нашава земја. Вечерашнава изложба е убав продукт од 12-те творечки денови во жешкиот струмички август, во кои учесниците на колонијата, низ дружење и плодотворна атмосфера ги создадоа своите дела, но во кои и пронаоѓаа творечка инспирација при посетата на струмичките културно-историски споменици, осознавајќи го нашето богато и вредно културно наследство. Со изложените дела, пребогатиот пет и пол децениски фонд на колонијата ја надмина импозантната бројка од 2.600 дела, кои во различни ликовни дисциплини ги создадоа бројните уметници од сите светски меридијани. Тоа е непроценливо богатство кое ја осведочува ликовната историја на нашиот град и држава, рече градоначалникот Јаневски.