Со пригодна свеченост којашто се одржа пред споменикот на Гоце Делчев, денеска беше одбележан Денот на независноста на Република Северна Македонија. За значењето на празникот зборуваше градоначалникот Коста Јаневски.
-Како вчера да беше, а еве веќе одбележуваме 29 години од оној 8.септември 1991 година. Денес славиме 29 години – самостојност, 29 години – независност, 29 години сувереност и исто толку години стремеж кон поубавото утре. Осми септември е еден од тие датуми со кои премостуваме далечни и блиски временски дистанци. Тоа е денот кога со право го прегрнуваме најбележитиот датум од поновата историја на нашата татковина. Тоа е денот кога нашата татковина , благодарение на волјата на нејзините граѓани, избори статус на независна држава.
Но овој ден не ни припаѓа само нам кои го паметиме, прославуваме и чествуваме, ниту на оние кои се родиле во овој безмалку тридецениски период. Овој ден им припаѓа и на генерации и генерации граѓани на оваа земја кои воопшто и не го дочекаа изгрејсонцето на самостојноста, особено на оние кои оставиле значајни белези на своето постоење, оние кои страдале, војувале и гинеле за ова парче македонска земја и со многу љубов кон родната грутка, силно верувале дека еден ден сонот ќе им стане јаве.
Овој ден е и на Илинденците и на Асномците, ден на нашите дедовци и прадедовци, но и ден на се уште неродените синови и ќерки, внуци и правнуци кои ќе ја љубат татковината македонска, како земја на своите корени, како земја на едно вчера , денес и утре, како земја на аманети кои треба да се исполнат. А главниот аманет отсекогаш бил и ќе остане „Да се чува, негува и надградува татковината, оти без неа секој од нас е никој и ништо“, рече градоначалникот Јаневски.
Во чест на првиот Претседател на државата – Киро Глигоров, на првиот Претседател на Владата – Никола Кљусев и на сите починати кои низ историјата дале свој придонес за слободата и независноста на нашава земја, беше положено свежо цвеќе, а членови на рецитаторската секција при домот за деца и млади „Благој Мучето“ рецитираа револуционерна поезија.