Градоначалникот Коста Јаневски, претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев и министерката за образование и наука, Мила Царовска, ја предадоа во употреба новата мултифункционална спортска сала во основното општинско училиште „Никола Вапцаров“.
Учениците од ова училиште, во салата изградена по најсовремени стандарди на површина од 1.300 метри квадратни, ќе имаат квалитетна настава по физичко и здравствено образование.
-Со ова капитална инвестиција покажуваме и докажуваме дека Струмица со поддршка од Владата, навистина е грижлив град, кој се грижи за сите свои граѓани и секако за најмладите на кои им овозможуваме нови спортски објекти за правилен физички развој и создавање навики за здрав живот. Нека ни е за многу години новата спортска сала и се надевам, но и посакувам токму тука да се појават нови спортски таленти како фудбалерот Горан Пандев, кошаркарот Влатко Илиевски, одбојкарите-браќата Ѓоргиеви, атлетичарот и олимпиец Ване Стојанов и многу нови спортисти кои потекнуваат од нашата Струмица и ќе ја промовираат Општината низ целиот свет, рече градоначалникот Јаневски.