Училиштата подготвени за новата учебна година

Училиштата подготвени за новата учебна година

Во скоро сите училишта, во текот на летниот период беа реализирани активности за подобрување на условите за реализација на воспитно-образовниот процес во новата учебна година. Во ООУ „Гоце Делчев“ од Вељуса извршена е реконструкција на фасада на задниот дел од училишната зграда со површина од 470 метри квадратни. Во ООУ „Св. Кирил и Методиј“ од Дабиле поставен е порамнителен слој во една училница и во канцеларијата на секретарот и поставување на ламинат во овие простории, набавка на смарт табла, белење на ходниците во училиштето и санација на ѕидовите.

Во ООУ „Сандо Масев“ извршено е варосување на цокле во централното училиште  низ сите училници, целосно белење и обновување на внатрешен ентериер на ходниците во централното училиште, лакирање на паркетот во спортската сала, санација и обновување на кошаркарското игралиште во централното училиште, целосно белење и обновување на сите тоалети во централното и санирање на тоалетите во подрачното училиште во Баница. Во ООУ „Маршал Тито“ од Струмица извршено е брусење на стар паркет во три училници и мал ходник, лакирање и полирање, реконструкција на фасадата на југоисточниот дел на училиштето со поставување на термофасада и реконструкција на под во една училница. Во ООУ „Видое Подгорец“ извршено е обновувањето на цоклето во ходниците со специјална мрсна боја, поставување на термофасада на училниците за учениците од прво одделение и уредување на патеката до овие училници со поставување на бекатон плочки. Во ООУ „Даме Груев“ од Куклиш направена е промена на под во 2 училници и поплочување на патеката до училиштето. Во ООУ „Никола Вапцаров“ извршено е белење на училниците и ходниците во централното училиште, како и во подрачното училиште и се заменети казанчиња, чешми и писоари во ученичките тоалети. Во ООУ „Маршал Тито“ од Муртино извршено е санирање на влага, поставена е линија за парно греење и заменета електричната инсталација во подрачното училиште во Банско, поставени се нови табли за кошаркарско игралиште и завршено опремувањето на ракометното игралиште во Муртино. Во ООМУ „Боро Џони“ се набавени УВ прочистувачи на воздух во секоја училница и извршено е генерално чистење на училишната зграда. Во СОУ „Јане Сандански“ комплетно е завршено белењето во училиштето и делови на фасадата, санирани се кошевите на кошаркарското игралиште, извршено е механичко чистење на училиштето и адаптирана е просторија за аеробик, гимнастика и пинг понг (белење, промена на прозорци, поставување ламинат). Во СОУ „Никола Карев“ се вршат подготвителни активности за изработка на подвижна трибина во училишната спортска сала и реконструкција на соблекувални (водовод, плочки, санитарии) во спортската сала.