Се одржа сообраќајно-воспитната манифестација „Детски семафор“ 2016

Општина Струмица преку општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и годинава традиционално учествуваше во спроведувањето на сообраќајно-воспитната манифестација „Детски семафор“. На натпреварот кој што се одржа вчера во основното општинско училиште „Видое Подгорец“ учествуваа 11 екипи со вкупно 62 ученика, а истиот го отвори претседателот на Советот на општина Струмица, Јосиф Христов.

Сообраќајните натпревари на учениците од основните училишта имаат за цел пошироко да ги ангажираат учениците за стекнување и проширување на знаењата од областа на сообраќајно-техничката култура, како завршен дел од работата на сообраќајно-техничкото образование и воспитание на учениците изведена низ редовните наставни содржини и воннаставни активности. Безбедноста на децата и младите во сообраќајот претставува приоритет на сите општествени чинители, а постојаната сообраќајна едукација и промената на навиките и културата на однесување во сообраќајот се главните инструменти за унапредување на сообраќајната превенција за намалување на бројот на загинати и повредени деца и млади во сообраќајни несреќи. Општина Струмица преку општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, традиционално учествува во организацијата и спроведувањето на сообраќајно-воспитната манифестација “Детски семафор“, рече Христов.Според Зоран Узунов, претседател на општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, а согласно пропозициите за натпреварот, учесниците во првиот дел се проверуваа теоретски, а потоа во вториот дел го изведуваа вештото возење со велосипед на посебен полигон, поделени во мала и голема група.Основното општинско училиште „Видое Подгорец“ го освои првото место, второто место му припадна на ООУ „Сандо Масев“, а третопласирано е ООУ „Маршал Тито“ од Муртино. Во поединечна конкуренција, во големата група (машки) првото место го освои Иван Донев, а кај девојчињата најдобра беше Величе Каралијска. Меѓу натпреварувачите во малата група кај момчињата најдобар беше Лазе Чолев, а кај девојчињата Слободанка Чолакова.Првонаградените од големата група и прво и второнаградените од малата група ќе учествуваат на регионалниот натпревар кој на 7 мај ќе се одржи во Струмица.