Градоначалникот Коста Јаневски ја отвори изложбата на дела создадени на Меѓународната струмичка ликовна колонија

Home / Вести / Градоначалникот Коста Јаневски ја отвори изложбата на дела создадени на Меѓународната струмичка ликовна колонија

Во фоајето на центарот за култура „Антон Панов“, синоќа, беше отворена традиционалната изложба на дела создадени на Меѓународната струмичка ликовна колонија, а по повод Денот на ослободувањето на Струмица. Отворајќи ја изложбата, градоначалникот Коста Јаневски потенцираше дека богатиот фонд на колонијата е непроценливо богатство кое ја осведочува ликовната историја на нашиот град и држава.

Пред сите нас, пред нашата љубопитност и потребата за убаво доживување, ги имаме на показ 40-те дела создадени на овогодинешната 56-та по ред Меѓународна струмичка ликовна колонија, како своевиден сублимат на творечкиот порив на 14-те ликовни творци од САД, Полска, Русија, Србија, Грција, Бугарија и Северна Македонија. Притоа, не смееме да заборавиме дека во рамките на колонијата се одржа и 26-то Студио за мозаик, со кое раководеше нашиот познат сликар и мозаичар, Александар Филев, кое е вистински раритет во нашава земја. Вечерашнава изложба е убав продукт од 12-те творечки денови во жешкиот струмички август, во кои учесниците на колонијата, низ дружење и плодотворна атмосфера ги создадоа своите дела, но во кои и пронаоѓаа творечка инспирација при посетата на струмичките културно-историски споменици, осознавајќи го нашето богато и вредно културно наследство. Со изложените дела, пребогатиот пет и пол децениски фонд на колонијата ја надмина импозантната бројка од 2.600 дела, кои во различни ликовни дисциплини ги создадоа бројните уметници од сите светски меридијани. Тоа е непроценливо богатство кое ја осведочува ликовната историја на нашиот град и држава, рече градоначалникот Јаневски.